Некогашниот прв светски тениски рекет, Марат Сафин открива дека кариерата ја завршил на 29 години затоа што веќе не можел да им парира на Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Роџер Федерер. Сафин освои 2 грен слем титули, САД опен 2000 и Австралија опен 2005 година. На првото место на АТП листата беше 9 недели.
Со тенисот заврши во ноември 2009 година, како 61. тенисер во светот.
„Или сте на врвот или ве нема. Не сакав да продолжам да играм и да бидам 11, 12, или 20-ти. Би се дискредитирал себе си. Секогаш сум мислел дека е подобро да ја завршиш кариерата пред да почнеш со лоши резултати. Да немав проблеми со коленото, можев да играм уште неколку години, но веќе бев уморен од се, ми беше досадно. Немав мотивација и почнав да губам од анонимни играчи. Ако не победуваш играчи како Федерер, Надал и Ѓоковиќ, тогаш која е поенатата!?“ рече Сафин.
Тој се осврна и на игрите на двајцата млади руски тенисери кои се во подем – Данил Медведев и Андреј Рубљев.
„Данил созрева, има интересна техника, добро момче е. Андреј, пак, се уште е јуниор. Освои 5 турнири во 2020-та. Тој мора да игра важни турнири, мора да научи да биде сконцентриран во тешки ситуации“ смета Сафин.