Top Sport

Риека го уништи Динамо на „Руевица“ (видео)

Риека со 4:1 го совлада Динамо Загреб во дербито во Хрватската прва лига, искористувајќи го фактот што лидерите поголем дел од мечот го одиграа со играч помалку.

Шансите на Риека да ја одбранат титулата се можеби теоретски, бидејќи и со победата остануваат на третото место со 12 поени помалку од Динамо, но победата над најтрофејниот хрватски тим секогаш носи задоволство.

Работите не тргнаа добро за Риека, откако нивниот поранешен играч, Швајцарецот со хрватско потекло, Марио Гаврановиќ уште во 16-тата минута ги донесе гостите во водство. Гаврановиќ исто така ја налути публиката на „Руевица“ со своето бурно славење на голот против поранешниот тим.

Но, само три минути подоцна, Бразилецот Хебер израмни на 1:1, а во 26. минута, Динамо остана со 10 играчи откако Марко Лешковиќ доби втор жолт картон за удар со лакт.

Второто полувреме целосно им припадна на домаќините, кои постигнаа три гола за импресивна победа – Домагој Павичиќ и Хебер постигнаа голови за 11 минути на почетокот на полувремето, пред Пуљиќ во финишот на натпреварот да го комплетира триумфот.

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми одигра 90 минути за „модрите“ и доби жолт картон во 64. минута.

Динамо остануваат фаворити за титула бидејќи се на првото место со 56 поени, девет повеќе од Хајдук на второто место, додека Риека има 44 поени.





Scroll to Top