Top Sport

Ферари ја „спуштаат“ топката – Маркионе сака договор со „Либерти“

Откако претходно неколку пати се закани дека Ферари ќе бара опција надвор од Формула 1 доколку не се постигне компромис за правилата по 2020 година, претседателот на Скудерија, Серџо Маркионе најави дека очекува новите сопственици „Либерти медија“ да понудат компромисно решение.

Маркионе, кој присуствуваше на авто-саемот во Женева, овојпат имаше попомирлив став околу иднината на спортот.

„Јас завршив правен факултет. Некој ме научи дека има прашања кои никогаш не треба да ги одговорам, како трик-прашањето: ‘Дали престана да ја тепаш својата сопруга’. Во такви разговори нема победа. Ние никогаш не објавивме дека се откажуваме од Ф1. Реков дека ако не ги решиме несогласувањата, ќе заминеме. Не сме во позиција да кажеме дека веќе нема преговори. Постојано сме во дијалог со ‘Либерти’. Се надевам дека до крајот на 2018 ќе имаме начин на кој можеме да продолжиме по 2020. Можеби во 2019“, вели Маркионе.

Покрај проблемот околу спортските правила во спортот, Ферари сигурно ќе сака да го задржи огромниот дел од парите за тимовите кој го добива по договорот со претходниот шеф, Берни Еклстоун.

„Сакаме јасна позиција, која нема да биде заматена со комерцијални фактори. Вклучени сме во техничкиот дел на работите, каде што ‘Либерти’ не се многу силни. Тимовите мора да се обединети, и ако Мерцедес и Ферари имаат ист став ќе одиме напред. Дали беше подобро под Еклстоун? ‘Либерти’ се посветени на спортот и многу сериозни, но Берни имаше уникатна сила и не се мешаше во техничкиот дел“, додава Маркионе.

Scroll to Top