Јувентус сите го „отпишаа“ уште по првиот натпревар во Торино, кога и покрај 2:0 водството, Тотенхем извлече 2:2, но „старата дама“ покажа дека е тим за респект во Лигата на шампионите откако на преполниот „Вембли“ успеа да го елиминира фаворизираниот англиски тим.
Италијанскиот шампион немаше удар во рамката на голот во првото полувреме, а Кореецот Сон Хеунг-Мин по две стоотстотни шанси погоди во 39. минута да донесе водство од еден гол разлика на полувремето, резултат со кој Спарси сигурно одеа во четврт-финалето.
Меѓутоа, ништо не е готово додека не запее „старата дама“. Гонзало Игуаин во 64. минута ја круниса добрата акција на својот тим со гол, а само три минути подоцна Пауло Дибала успешно „избега“ од офсајд-стапица за да донесе 1:2 водство за Јувентус.
До крајот на мечот, Тотенхем, кои под водство на тренерот Маурисио Почетино играат атрактивен и напаѓачки фудбал, се обидоа да ја скршат стабилната одбрана на гостите, меѓутоа без учинок.
Искуството на Јувентус во европските натпреварувања го направи своето и сега тие го чекаат својот противник во четврт-финалето, додека Тотенхем ќе се обиде солидната европска сезона да ја круниса со нов пласман во Лигата на шампионите, односно ќе може да се фокусира на Премиер лигата.
Фото: ЕПА