Британскиот Ф1 возач Џорџ Расел открива дека притиснал погрешно копче за време на квалификациите за Сакир ГП трката вчера, кога во болидот на Мерцедес ја загуби пол-позицијата од колегата Валтери Ботас за само 0.026 секунди.
22-годишниот Расел, возач на Вилијамс, го заменува светскиот шампион, Луис Хамилтон овој викенд по неговиот позитивен тест на КОВИД-19, и ги изненади сите прво откако постави најдобро време на трите официјални тренинзи, за потоа да го „испоти“ Ботас во квалификациите.
Сепак, тој вели дека не му биле лесно, бидејќи морал да научи многу работи по смената од најспориот болид во Ф1 во најбрзиот болид во Ф1 и тоа на „скратената“ патека во Бахреин.
„Мислам дека ќе ми беше многу подобро да дојдев тука без знаење и да не се тркав на другата половина на патеката минатиот викенд. Овој болид е целосно поинаков. Сите нови процедури, нови копчиња. На првиот тренинг беше хаотично, само притискав на погрешните копчиња, а тоа ми се случи и во квалификациите. Мерцедес ми помогнаа многу, но потребно е време да се навикнеш на ваков боид“, вели Расел.
Покрај тоа, Расел се наоѓа и во неудобна ситуација – тој е висок 1.85 сантиметри, 13 сантиметри повисок од Хамилтон, а носи тркачки патики со големина 45 и поради недостатокот на време, болидот не можеше детално да биде прилагоден.
„Не е удобно, тоа е сигурно, имам и модринки. Најголем проблем се стапалата и како треба да ги стиснам. Ќе биде многу заморно“, додава Расел.