Фудбалерот на ЈУвентус, Кристијано Роналдо, по победата на неговиот тим во Барселона (3:0), рекол дека секогаш добро се согласувал со Лионел Меси. Роналдо, во победата со која Јувентус го освои првото место во групата, постигна два гола од пенал.
„Бевме пред речиси невозможна мисија. Клучно беше да започнеме во силно темпо. Кога дојдовме до 2:0 по 20 минути, тогаш ни стана јасно дека можеме да ја оствариме целта. Мислам дека оваа победа ќе значи многу за самодовербата, ни требаше ваква победа против голем клуб“, рекол Роналдо кој стигна до бројката од 650 голови во клупската кариера.
Синоќешниот дуел беше прв по пауза од две години, во кои се сретнаа Роналдо и Меси.
„Се среќаваме на церемониите на доделувањето на разни награди веќе 12 или 13 години, никогаш не сум го гледал како ривал, тоа се медиумски измислици. Секогаш сме се согласувале совршено, истото ќе ви го каже и Лео доколку го прашате“, заклучил Роналдо.