Top Sport

Го нема Кејн тука е Сон, Арсенал ја прекина лошата низа (Видео)

Лондонските тимови Тотенхем и Арсенал забележаа победи во натпреварите од неделната програма во Премиер лигата. Тотенхем како гостин го победи Борнмут 4:1, а Арсенал со 3:0 славеше над Вотфорд.

Тотенхем и без најдобриот стрелец Хари Кејн успеа да слави кај Борнмут. Кејн се повреди по 20 минути игра и мораше да ја напушти играта.

Домаќинот добро влезе во натпреварот и преку Станислас постигна гол по само седум минути игра. На полувреме беше нерешено, а „виновник“ беше Деле Али кој го совлада Беговиќ во 35.минута.

Во второто полувреме пресвртот на Тотенхем го комплетира Сон со голот во 62.минута, а потоа во финишот гостите стигнаа и до убедлив триумф, откако Борнмут со сите сили тргна кон голот на Љорис.

Сон во 87. и Орие во 92.минута го поставија конечниот резултат.

Тотенхем по четвртата последовна победа се врати на третата позиција на табелата со 61 бод, еден повеќе од Ливерпул, додека Борнмут има 33 бода и се наоѓа на 12. место.

Арсенал против Вотфорд ја прекина низата од три порази во Премиер лигата.

Поранешните соиграчи од Борусија Дортмунд Обамејанг и Мхитаријан го предводеа Арсенал до оваа победа. Мустафи го постигна првиот гол во осмата минута, а потоа Мхитаријан му асистираше на Обамејанг за 2:0.

Вотфорд веднаш по голот на Габонецот имаше можност да го намали резултатот, но Чех му го одбрани пеналот на Дини. Конечните 3:0 ги постави Мхитаријан.

Арсенал со оваа победа остана ан шестата позиција со 48 бода, а Вотофорд е десетти со 36 бода.

Scroll to Top