Top Sport

Адеми играч на годината во Хрватска: Имам големи очекувања на ЕП

Капитенот на Динамо Загреб и македонски репрезентативец, Аријан Адеми, е избран за најдобар фудбалер на Хрватска за 2020 година. Изборот го организираше „Т-портал“, а гласаа капитените на сите хрватски клубови. Адеми во изборот освои 66 од 100 гласа.

„Убавите вести секогаш прво ги споделувам со моето семејство. Со нив го славам секој успех, а ова е голем успех за убав крај на 2020 година“, вели Адеми.

Адеми вели дека наградата што ја добил има поголема тежина бидејќи гласале капитените на другите тимови, кои му се ривали на теренот.

„Не можам да ја опишам реакцијата кога дознав дека наградата оваа година ми ја дадоа мене. Чувството е одлично. Благодарен сум на сите капитени на клубовите од хрватската лига, но без тренерот, навивачите и соиграчите, ова не би било можно“, ни рече тој.

За Адеми многу успешна година. Тој со Динамо успеа да се пласира во нокау-фазата во Лига Европа, а со македонската репрезентација направи историски успех и се пласираше на Европското првенство во фудбал што ќе се игра догодина.

„Успехот на националниот тим е нешто посебно. Сè уште сум без текст и ги средувам впечатоците од тоа што го направивме пред два месеца. Се надевам деќа ќе ги направиме Македонците среќни затоа што тие го заслужуваат тоа. Јас секогаш имам големи очекувања, а така ќе биде и догодина, и во квалификациите за Светското првенство, ама и на Европското првенство“, рече Адеми.

Scroll to Top