Поранешниот менаџер на Њукасл, Рафаел Бенитез вели дека Мајк Ешли, газдата на славниот клуб од северот на Англија е само бизнисмен кој воопшто не се грижи за својот тим, со што се согласува со армијата незадоволни навивачи на клубот.
Бенитез пристигна во Њукасл во 2016 кога тимот беше пред испаѓање, и следната сезона го освои Чемпионшип и ги врати во елитата, пред следните две сезони да заврши во средината на табелата – 10. и 13. место. Тој си замина од клубот по крајот на договорот во 2019 и во интервју за „Атлетик“ немаше добри зборови за Ешли.
„Немав друга опција освен да си заминам. Ешли не сакаше да има проект со кој би го исполнил и искористил потенцијалот на клубот. Кога последен пат се сретнавме, бев сигурен дека нема да има инвестиции во академијата на клубот или во тренинг-центарот. Гледав дека нема шанси за прогрес и подобрување. Тој едноставно не сакаше да вложува пари, и јас бев тука само да ги заддржам во Премиер лигата. Веднаш им кажав дека си одам и дека си ја раскревам канцеларијата. Што сака Мајк Ешли? Тој е бизнисмен кому не му е грижа за тимот. Сака да е во Премиер лигата и да прави профит. И тоа го правевме“, вели Бенитез.
По заминувањето од Њукасл, поранешниот тренер на Ливерпул и Реал Мадрид, се реши да замине во Кина и да ја прифати богатата понуда на клубот Далијан интернешнл.