Top Sport

Русија на ракометниот Мундијал во Египет нема да биде Русија

Ракометната репрезентација на Русија на претстојното Светско првенство во Египет ќе настапува под називот „екипа на Руската ракометна федерација“ и селекцијата нема да смее да користи ниту еден државен симбол, објави денеска Меѓународната ракометна федерација (ИХФ).

Судот за спортска арбитража (ЦАС) минатата недела ја намали казната на Русија за забрана на големи натпреварувања од 4 на 2 години, но казната трае до 16 декември 2022 година.

Поради тоа, на руските ракометари им е забранет настап на СП под руското знаме и грб.

Наместо државното знаме на Русија, во Египет ќе се виори знаме со логото на Ракометниот сојуз на Русија кој ги содржи истите бои како и официјалното знаме. Се уште не е познато каква химна ќе се свири пред почетокот на мечевите на Русија. Претпоставките се дека тоа ќе е химната на ИХФ.

Светското ракометно првенство започнува на 13 и ќе трае до 31 јануари 2021 година.

Scroll to Top