Top Sport

По пет дена се огласија од ПСЖ – Тухел доби отказ

ПСЖ официјално објави дека клубот ја прекинал соработката со тренерот Томас Тухел. Водечките светски медиуми пред пет дена, ја пренесоа информацијата, дека Германецот повеќе нема да ги тренира „светците“.

Тухел добил отказ неколку часа по победата над Стразбур (4:0), во Лига 1. Причината за отказот е изјавата што ја дал Тухел за германските медиуми дека во ПСЖ повеќе се чувствува како политичар или министер за спорт, отколку како тренер.

Пет дена по отказот клубот се огласи во јавноста.

„По длабоката анализа на спортската ситуација, ПСЖ реши да го раскине договорот со Томас Тухел. Би сакал да му се заблагодарам на Тухел и на неговиот стручен штаб за се она што направија за овој клуб. Томас вложи многу енергија и страст во работата, ние секогаш ќе се сеќаваме на добрите заеднички моменти. Му посакуваме се најдобро во идната кариера“, рекол првиот човек на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи.

Тухел за предвремениот раскин на договорот ќе добие од клубот шест милиони евра.

Германецот стана тренер на ПСЖ во јуни 2018 година., на 127 натпревари забележал 96 победи. Со клубот два пати беше шампион на Франција, два пати го освои Суперкупот на Франција, а по еднаш Купот и Лига купот. Во август стигна до финалето во Лигата на шампионите, но ПСЖ не успеа да го победи Баерн.

На местото на Тухел во ПСЖ треба да дојде Маурисио Покетино.

Scroll to Top