Милан продолжуваат со својата политика на носење на млади фудбалери на „Сан Сиро“, откако италијанските медиуми тврдат дека понудиле 15 милиони евра за бекот на француски Стразбур, 20-годишниот Мохамед Симакан.
Паоло Малдини и „росонерите“ го следат Симакан подолго време и минатото лето беше одбиена нивната прва понуда.
„Скаутите сами ќе кажат што сме работеле во последните пет години во споредба со петте години претходно. На пример во одбраната. За мене е лесно да се прочита дефанзивец и затоа сега ќе одиме и ќе бараме некој што е одличен еден-на-еден, па ќе го вклопиме во тимот. Затоа се обидовме да го донесеме Симакан. Француската лига не е тактичка како италијанската, и затоа дефанзивците знаат да играат еден-на-еден. Потребен ни е таков фудбалер“, изјави неодамна Малдини.
За Симакан се заинтересирани и РБ Лајпциг, и ова наддавање најверојатно ќе го направи бекот најскапиот фудбалер кој го продале по Јусуф Фофана, кој замина во Монако во 2019 за 13 милиони евра.