САД, Мексико и Канада истакнаа заедничка кандидатура за организација на Светското првенство во фудбал во 2026 година. Дури 23 града од трите држави изразиле желба да бидат едни од организаторите.
Седумнаесет града од САД се на листата, меѓу кои се и најголемите Лос Анџелес, Њујорк, Вашингон, три града се во конкуренција во Канада: Монтреал, Торонто и Едмонтон, а од Мексико се кандидираат главниот град Мексико сити, Монтереј и Гвадалахара.
Светското првенство во 2026 година ќе биде прво на кое ќе учествуваат 48 репрезентации. Вкупно на овој мундијал ќе се одиграат 80 натпревари. Доколку биде прифатена заедничката кандидатура, 60 натпревари би се одиграле во САД и по 10 во Мексико и Канада.
Покрај заедничката кандидатура на овие три земји, кандидатурата за организација на СП во 2026 ја истакна и Мароко.
Инаку, земјите што најавија заедничка кандидатура имаат искуство со организирање на вакви настани. Светското првенство во 1994 година се играше во САД, а Мексико е единствената држава што два пати била домаќин на најголемиот фудбалски собир (1970, 1986). Канада во 2015 година беше домаќин на Светското првенство во фудбал за жени.
Одлуката каде ќе се игра СП во 2026 година ФИФА треба да ја донесе на 13 јуни.