Жозе Мурињо имаше неверојатна соло-прес конференција по елиминацијата од Лигата на шампионите од Севилја по 1:2 поразот во средата на „Олд Трафорд“, во која 12 минути зборуваше без престан, бранејќи ги своите резултати.
Португалецот постојано ја повторуваше фразата „фудбалско наследство“, откако беше остро критикуван за стратегијата и негативниот пристап за дуелот со Севилја. 55-годишниот тренер беше подготвен со белешки и уште еднаш изјави дека неуспехот во Европа „не е ништо ново за клубот“
„На фановите ќе им кажам дека се фанови и дека имаат право на свое мислење и реакции. Но, постои нешто што се нарекува фудбалско наследство. Не знам дали тоа добро се преведува од мојот мајчин португалски јазик. Тоа што менаџерот наследува во клубот. Последен пат Манчестер јунајтед беа во финалето на Лигата на шампионите во 2011 година. Во 2013 на ’Олд Трафорд’ испаднаа во осминафиналето, јас бев на другата клупа. Во 2014, во четврт-финалето, во 2015 без европски фудбал, во 2016 надвор во групната фаза и пласман во Лигата на Европа. Во 2017 ја освоивме Лигата на Европа и се вративме во ЛШ. Во 2018 победивме во групата со 15 од можни 18 поени и загубивме во осминафиналето“, ја анализираше Мурињо европската судбина на „ѓаволите“.
Потоа следуваше и одбраната.
„Кога ќе си заминам, на следниот менаџер на Јунајтед ќе му ги оставам Лукаку, Матиќ и Де Хеа со поинаков менталитет, со поинаков квалитет. Седум години со четири различни менаџери, еднаш не се квалификувавме за Европа, двапати испаднавме по групи и најдоброто беше четврт-финалето. Тоа е фудбалското наследство. Ако сакате можеме да гледаме и кон Премиер лигата – последна титула во 2012/13 и четири сезони во кои сме седми, четврти, петти и шести. Во последните четири години четвртото место ни е најдобро. Тоа е фудбалското наследство. Значи дека процесот не почнува со мене. Фановите секогаш ќе ги почитувам, посебно тие кои го познаваат фудбалот“, вели Мурињо.
Јунајтед викендов играат четврт-финале од ФА купот против Брајтон, но за мечот не се зборуваше многу на прес-конференцијата. Мурињо ги отфрли шпекулациите дека е подготвен да замине, велејќи дека има одговорност кон клубот.
„Би можел да бидам во друга земја со титулата в џеб, но не го сакам тоа. Тука сум и нема да го сменам менталитетот. На португалски има една изрека – секој ѕид е врата. Нема да бегам, нема да исчезнам. Нема да плачам бидејќи ме свиркаат. Следниот меч прв ќе бидам на теренот и не се плашам од ништо“, ја заврши Мурињо неверојатната прес-конференција.
Фото: ЕПА