Top Sport

Меси сам си ставал инјекции со хормони од својата 12 година!

Ѕвездата на Барселона, Лионел Меси ги откри деталите за неговата рутина во детството со која секоја вечер си давал инјекции со хормони во нозете во неверојатно искрено интервју за аргентинската ТВ „Америка ТВ“.

Меси страдал од недостаток на човечки хормони за раст додека раснел во градот Росарио во аргентинската провинција Санта Фе.

„Секоја вечер по еднаш самиот си ставав инјекции. Тоа почна кога имав 12 години и секако дека остави печат на мене. Прво моите родители ми ги ставаа инјекциите од мојата осма година додека јас не научив сам да си ги ставам. Се работеше за мала игла и не болеше многу, за на крајот да стане рутина“, објаснува Меси.

Неговите родители плаќале 1.500 долари месечно за хормоните сѐ додека неговиот поранешен клуб Њуел олд бојс не решил да покрива дел од третманот. Во 2001 година, Меси, заедно со неговото семејство се пресели во Барселона кога имаше само 13 години, по што шпанскиот клуб ја презел обврската за терапијата до неговата 14-та година.

„Не беше тешко да дојдам во Барселона. Се адаптирав бргу, но моето семејство имаше повеќе проблеми. Моите браќа сакаа да се вратат дома во Аргентина и јас останав со мојот татко. Му кажав дека сакам да останам“, додава Меси.

Инјекциите очигледно функционираа добро, и Меси во кариерата постигна 374 гола во 410 натпревари за Барселона во веќе легендарна кариера.

Scroll to Top