Герет Бејл беше дел од тренингот на велшката репрезентација само два часа откако помина 12.000 километри од Мадрид, Шпанија до Нанинг, Кина.
Бејл влезе во игра од клупата при 6:3 победата на Реал над Џирона во неделата навечер, по што со приватен авион веднаш по мечот замина за аеродромот во Лутон. 28-годишниот напаѓач потоа ја помина вечерта во Ричмонд, пред во понеделник наутро да биде во летот од 11.10 часот до Гуангжу, пат кој трае 10 и пол часа.
Бејл потоа помина уште четири часа на аеродромот, пред со уште еден лет да стигне до конечната цел – Нанинг. Тој пристигнал во хотелот во 13 часот според локално време, и само два часа потоа беше на тренингот на селекторот Рајан Гигс на „Гуангкси спортскиот центар“. Велс во четврток игра со Кина.
Неговото присуство сигурно ќе го израдува и Гигс, но и Велшката фудбалска асоцијација, која ќе добие милион фунти за турнирот на четири нации – покрај Велс и Кина, играат и Чешка и Уругвај.