Ѕвездата на Барселона, Жерард Пике се потсети на моментот кога на потешкиот начин научил дека соблекувалната на Манчестер јунајтед му припаѓала само на тогашниот капитен Рој Кин.
Пике го напушти домот во Каталонија на 17 години за да потпише договор со Јунајтед во 2004 година и признава дека се чувствувал застрашено кога во соблекувалната седел покрај играчи како Рио Фердинанд и Рајан Гигс. Но, вели дека не бил подготвен за последиците откако заборавил да го исклучи телефонот во соблекувалната на „Олд Трафорд“ пред еден меч.
„На еден од моите први мечеви на ’Олд Трафорд’ бевме во соблекувалната и се подготвувавме и бев многу, многу нервозен. Замислете, имате 18 години, седите во соблекувалната и облекувате чорапи покрај Руд ван Нистелрој, Рајан Гигс и Рио Фердинанд. Сакав да бидам невидлив и никој да не ме забележи“, пишува Пике во „Плејерс трибјун“.
Но, тогаш доаѓа најстрашното.
„Седиме и чекаме Алекс Фергусон да зборува со нас, а јас седам до Рој Кин. Соблекувалната е толку мала, што нозете речиси ни се допираат. Тивко е. Одеднаш мала вибрација. Бззз… бззз… Рој гледа низ соблекувалната, јас сфаќам дека се работи за мојот телефон. Го оставив на вибрации и е во џебот во панталоните во торбата која е до главата на Рој! Тој не може да сфати од каде доаѓа бучавата и гледа низ собата како манијак. Ја знаете сцената со Џек Николсон од ’Сјаење’, кога влегува низ вратата? Почнува да вреска: ’Чиј е тој телефон’. Откако третпат прашува јас како учениче одговарам полека: ’Жал ми е мојот телефон е’. И тогаш се случува нешто зачудувачки – Рој ја става раката на моите рамења и вели, не се грижи. Не, секако дека се шегувам! Рој го загуби умот. Почна да вреска пред сите. За малку ќе ги наполнев гаќите. Но, лекцијата беше навистина добра. Тоа беше негова соблекувална. Тоа беше една од илјада грешки кои ги направив кога бев во Јунајтед“, додава Пике.