Директорот на Монца, Адријано Галијани потврди дека италијанскиот второлигаш размислува за ветеранот на Фиорентина, Франк Рибери, доколку успеат да влезат во Серија А.
Клубот од Ломбардија е предводен од двојката која ги донесе најголемите успеси во историјата на Милан, Галијани и претседателот, односно сопственикот, поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони. Тие веќе ги донесоа Марио Балотели и Кевин-Принс Боатенг во клубот и Галијани ги потврдува шпекулациите околу Рибери.
„Идејата за Рибери доаѓа од големото пријателство на Рибери со боатенг. Ако влеземе во Серија А, ќе размислуваме за него. Нашиот проект во Монца беше замислен да се оди од Серија Ц во Серија Б, а потоа од Серија Б во Серија А. Во моментов сме втори поради гол-разликата и би биле во Серија А. Но, поважно е каде сме по 38 кола, а не по 20. Се надевам дека градот каде што сум роден, клубот каде што бев потпретседател од 1975 до 1985 првпат ќе влезе во Серија А“, вели Галијани.