„Сити фудбал груп“, компанијата која го поседува лидерот во Премиер лигата, Манчестер сити, планира да ја прошири својата „палета“ на фудбалски клубови, почнувајќи со клуб во Кина, вели главниот комерцијален шеф на компанијата, Том Глик.
Манчестер сити е само еден неколкуте клубови во сопственост на „Сити фудбал груп“, холдинг-компанијата во која владата на Абу Даби има 87 отсто од акциите, додека преостанатите 13 отсто се на „Кина медија капитал“ конзорциумот. Покрај Сити, тука се и МЛС клубот Њујорк сити, австралискиот клуб Мелбурн сити, уругвајскиот Клуб Атлетико Торк, како и акции во шпанскиот клуб Џирона и јапонскиот Јокохама Ф.Маринос.
„Мислам дека е многу веројатно дека наскоро ќе земеме уште клубови и гледаме на различни места на светот. Има многу интересни пазари и здрави лиги со големи причини за инвестиции“, вели Глик.
Фалејќи го потенцијалот за раст во Јапонија, Јужна Кореја и Индија, Глик вели дека состојбата на фудбалот во Кина, заедно со владината поддршка ја прави Суперлигата интересна за инвеститори. Кинескиот претседател Кси Џинпинг, познат како огромен фудбалски навивач, има амбициозна програма за раст на фудбалот со главна цел организација на Светско првенство и освојување на титулата.
„Лигата веќе е многу силна, посетата е стабилна, ТВ-гледачите се тука, така што мислам дека се работи за возбудливо време за Кина и тоа е пазар на кој вреди да се вложува“, додава Глик.