Пред својот 150. настап за Шпанија на пријателскиот меч со светските шампиони Германија, Серхио Рамос вели дека целта му е да стане рекордер по бројот на настапи за „Ла роха“.
„Точно е дека меч со Германија е совршен за 150. настап. Нема нешто попрекрасно од тоа да се претставува својата земја. Сè додека го задржувам тој победнички дух ќе одговарам на повиците за во репрезентацијата. Сакам да бидам рекордер по бројот на настапи, но тоа нема да биде лесно“, вели Рамос.
Само ветеранот голман Икер Касилјас има повеќе настапи од Рамос во шпанскиот дрес, откако од 2000 до 2016 година собра 167 настапи.
Против Германија, Шпанија ќе има шанса уште еднаш да ја победи Германија по триумфот во финалето на Европското првенство во 2008 година.
„Веруваме дека можеме да ги победиме Германците. Тоа финале беше многу тешко и го добивме со голот на Фернандо Торес, но тие не се предадоа до крајот“, објаснува Рамос.
Првпат по подолго време, во шпанската репрезентација има повеќе играчи на Реал Мадрид од играчи на Барселона, но Рамос вели дека тоа не треба да има врска.
„Националниот тим секогаш е балансиран, без разлика дали има повеќе играчи на Реал или на Барселона. Мислам дека тоа е добро за шпанскиот фудбал“, завршува капитенот.
Фото: ЕПА