Top Sport

Најцрниот ден во историјата на Манчестер јунајтед

На денешен ден пред 63 години се случи најцрниот ден во историјата на Манчестер јунајтед и британскиот спорт. На 6.февруари 1958 година, на аеродромот во Минхен, во 15.04 часот, при третиот обид да полета се урна авионот во кој биле фудбалерите на Манчестер јунајтед, пријатели на клубот и новинари.

Во авионот имало 44 лица, при падот загинале 20, а подоцна во болницата во Минхен, починале уште три лица. Авионот при полетувањето не ја достигнал потребната брзина, удрил во две згради се урнал и запалил.

Од фудбалерите на Манчестер јунајтед животите ги загубија: Роџер Бирн, Еди Колман, Марк Џонс, Данкан Едвардс, Били Вилан, Томи Тејлор, Дејвид Пејџ и Геоф Бент. Тешко бил повреден Џеки Бленчфлауер кои по несреќата никогаш повеќе не заиграл фудбал.

Легендарниот голман на Манчестер Јунајтед Хери Грег бил еден од хероите на минхенската трагедија, тој од сигурна смрт ги спасил соиграчите Боби Чарлтон, Денис Вајолет и Џеки Бланчфлауер, тешко повредениот тренер Мат Бесби и бремената сопругата и 20 месечната ќерка на еден југословенски дипломат.

За херојството што го покажал на 6 февруари 1958 година во Минхен, Грег добил титула витез во Велика Британија. Грег почина лани на 87-годишна возраст.

Авионот во кој биле и фудбалерите на Манчестер јунајтед, слетал во Минхен од Белград, за да наполни гориво. Манчестер јунајтед, во Белград, играа против Црвена звезда во Купот на европските шампиони.

Scroll to Top