Стефанос Циципас во 2019 година го нарече Данил Медведев „досаден тенисер“, предизвикувајќи конфликт меѓу двајцата, но сега пред утрешното полуфинале на Австралија опен, вели дека тоа веќе не е случај и дека Русинот е „умен тенисер“.
Гркот и Русинот првпат се сретнаа на теренот во Мајами во 2018 и оттогаш имаат шест меча, со 5-1 предност на Медведев. Во 2019 година во Шангај, Циципас изјави дека Русинот има „досаден стил на игра“ со голем сервис и стоење на основната линија, но 22-годишниот Грк веќе не смета така.
„Медведев е во добра форма, игра добар тенис, точно, едноставно, умно. Можеби во минатото кажав дека игра досадно, но не го мислам тоа. Игра многу умно и знае да те надигра и морам да бидам многу внимателен и да тргнам во напад“, вели Циципас.
Медведев, исто така сакаше војната на зборови да остане во минатото.
„Стефанос е одличен тенисер, со голем сервис, одличен волеј и многу тежок противник. Многу е подобар од пред две години и нема да биде лесно“, изјави 24-годишниот Русин.