Несопирливите и одамна разоткриени таленти кои се уште не пркнале во возраста, а веќе поставуваат нови стандарди во реалноста, се тема за која ќе зборуваме со полни усти епитети најмалку до крајот на сезоната.
Во победата на ПСЖ кај Барселона со 1:4, Килиан Мбапе влезе во историјата како третиот фудбалер што успеал да наниже три гола на еден меч против Барселона, во Лигата на шампионите која можете да ја следите на Арена Спорт ТВ, отсега достапна и преку А1 Македонија.
Француското 22-годишно чудо им се приклучи на Фаустино Асприља и Андреи Шевченко, но има нешто што го издвојува од сите останати фудбалери кои настапиле во ЛШ и во КЕШ – има најдобар процент на голови постигнати на гостински терен (71% или 17/24), а да не заборавиме дека ја освои и светската титула со Триколорите.
ПСЖ постигна гол на гости на 20 меча во низа и сега само најтрофејниот Реал Мадрид има подолга серија, која траеше 22 натпревара. Поразот од француската екипа, беше прв случај во историјата Барса да загуби два меча по ред, во 151 натпревар одигран на домашно тло во елитното натпреварување.
Меси постигна гол од (сомнителен) пенал, продолжувајќи ја низата на 13 сезони во кои има најмалку 20 погодоци за Блауграна, зад своето име. Погодувајќи во секоја сезона во ЛШ од 2005-та година, Аргентинецот му се придружи на Раул (Реал Мадрид) кој единствен имаше елитен гол во 17 редоследни календарски години.
Само 24 часа по раритетната претстава на Мбапе, 20 годишниот норвешки фудбалски магионичар Ерлинг Браут Холанд, со два гола имаше свое шоу на големата сцена, што не остави подзинати и со прашалници над главите – до каде ќе зоврива потенцијалот на овие двајца, кои се и повеќе од подготвени да ја испишат фудбалската историја многу порано од очекуваното?
Борусија Дортмунд ја шокира Севиља со 2:3 во првиот 1/8 финален елиминациски меч, дома оди со убава залиха пред реваншот, што е само втора гостинска победа во историјата на германската екипа кај една шпанска, по триумфот против Атлетико во сезоната 1996/97, кога Милионерите го кренаа трофејот во Лигата на шампионите. Севиља првпат губи втор елитен меч во низа, дома.
Мбапе и Холанд сезонава имаат 28 гола во Лигата на шампионите, додека Роналдо и Меси имаат 15. Иако е рано да се зборува за наследници, полека станува јасно кој од кого ја презема истурената улога во предните редови. Таму каде живеат само најголемите!
Ливерпул немаше проблеми со Лајпциг и победи со 0:2, Порто го совлада Јувентус со 2:1, во првите 1/8 финални дуели во Лигата на шампионите.
Во поинтересните мечеви од 1/16 финалето во Лига Европа, која исто така може да ја следите на Арена Спорт ТВ, Милан ремизира на гости кај Црвена звезда со 2:2, Динамо победи кај Краснодар со 2:3, Манчестер Јунајтед го прегази Сосиедад среде Шпанија со 0:4, а Гранада ги изненади Наполи и нашиот репрезентативец Ељиф Елмаз со 2:0.