Мото ГП ѕвездите го пофалија новокрунисаниот шампион во Мото3 категоријата, Жоан Мир, предвидувајќи блескава иднина за 20-годишниот Шпанец.
Мир, возач на Леопард Хонда, ја обезбеди титулата во Мото3 на две трки пред крајот на шампионатот, откако во Австралија победи по деветти пат во 16 трки, со што е статистички најдобриот возач во кратката историја на категоријата.
Последен возач кој победи на повеќе од 9 трки во најмалата мотоциклистичка категорија беше Валентино Роси, кој во 1997 победи 11 пати на патот до 125сс титулата. Роси очекува големи работи од Мир.
„Тој е млад и оваа година беше страшен на патеката. Жоан е многу брз возач, а ми се допаѓа и неговиот карактер, толку е смирен и сериозен“, вели Роси.
Светскиот шампион Марк Маркез исто така ја пофали постојаноста на сонародникот, кој оваа година победи во многу тактички трки со 10 или 12 мотоцикли во водечката група.
„Само времето ќе покаже дали Жоан е толку добар колку што изгледа, но сега потенцијалот е безграничен. Мото3 е тешка категорија и тој ја помина совршено. Тој е најумниот возач таму. Единствен кој ги заврши сите трки, а исто така и многу брз“, изјави Маркез.
Следната година Мир ќе вози во Мото2 шампионатот со силниот тим на Марк ВДС, во кој сега вози лидерот во генерален пласман, Италијанецот Франко Морбидели. Роси вели дека и тука Мир ќе блесне.
„Мислам дека ќе биде конкурентен од почеток. Следната година ќе биде во најдобриот тим и ќе мора да победува“, додава Роси.