Каролине Вознијацки тврди дека агентот на Марија Шарапова, Макс Ајзенбад е „исплашен“ да не се сретне со неа, по контроверзниот коментар дека данската тенисерка е „аматерка“.
Ајзенбад е потпретседател за тенис во познатата промотерска компанија ИМГ, и долгогодишен агент на Шарапова. Тој ја бранеше Русинката налутен од коментарите на Вознијацки дека Шарапова не смее да добива вајлд-карти по враќањето на спортот по 15-месечната допинг-суспензија.
„Сите тие аматерски тенисерки како Радвањска и Вознијацки, кои никогаш немаат освоено гренд слем, а следната генерација ги минува, тие се умни што се обидуваат да не ѝ дозволат на Марија да игра на Францускиот опен“, изјави тогаш Ајзенбад.
За ова тој доби предупредување од ВТА турнејата, но никогаш јавно не ја повлече изјавата, иако изјави дека пратил лична електронска порака до Вознијацки.
„Тој се плаши дури да ме види. Ќе влезам во собата за опуштање и тој веднаш излегува. Навистина засрамувачки од еден од најважните луѓе на ИМГ. Тој коментар зборува за него, а не за мене. Зборуваше и за Агњешка Радвањска, која работи со ИМГ. Сакав да се извини, но уште чекам“, вели Вознијацки, која настапува на ВТА финалето во Сингапур.