И покрај слабата низа на резултати, тренерот на Јувентус, Андреа Пирло смета дека во клубот сите веруваат дека скудетото е достижно и дека мора да се борат до крај. Пред мечот со Специја во вторник, Јуве ќе мора да се опорават бргу од 1:1 ремито со Верона.
„Ќе биде тешко против Специја, а за нас се работи за важен меч бидејќи мораме да ја продолжиме со борбата за скудетото. Знаеме дека четири пати потфрливме, но секој меч беше поинаков. Грешките се анализирани и ќе се потрудиме да не ги повториме“, вели Пирло.
Тој додава дека не ги гледаат клубовите кои се над нив на табелата и додава дека поените од последниот месец нема да се клучни.
„Не гледаме кој е над нас, ниту зад нас, се концентрираме на нашата игра. Целта останвуа иста, има многу мечеви до крај и додека постои шанса да се вратиме, ние сме тука. Првата цел беше да се победи на сите натпревари, но тие поени што ги загубивме се во минатото. Не би кажал дека одиме на скудето ако мојот тим не мислеше така. Знам дека момците веруваат, тренираат и сакаат победи“, вели Пирло.