Новиот селектор на Србија, Драган Пикси Стојковиќ, вчера го објави спискот на играчи за квалификациските натпревари, за пласман на Светското првенство во Катар. Во првите три натпревари, Србија ќе игра против Република Ирска, Португалија и Азрбејџан.
Во новиот квалификациски циклус, Србија влегува без долгогодишниот капитен, Александар Коларов, а од оние кои беа стандардни во изминатите години Пикси не ги повика Адем Љајиќ, Немања Максимовиќ и Лука Миливојевиќ.
Разочаран од одлуката на новиот селектор, капитенот на Кристал Палас, Миливојевиќ, објави дека се повлекува од репрезентацијата.
Миливојевиќ ги обвини челните луѓе во Фудбалскиот сојуз на Србија на чело со претседателот во заминување Славиша Кокеза, дека тие се најголемите виновници за неговото повлекување.
„На луѓето во Сојузот на чело со претседателот, сакам да им кажам дека успеаја да ме избркаат од репрезентацијата. Лут сум на самиот себе бидејќи порано не донесов ваква одлука. Видов што се правеа тие луѓе и за тоа јавно говорев. Туркаа свои играчи во репрезентацијата, бркаа играчи од националниот тим пред почетокот на Светското првенство, менуваа селектори, менуваа капитени, им подметнуваа изјави на одредени играчи и помошни тренери“, рекол Миливојевиќ.
Лука Миливојевиќ има 29 години, за Србија дебитирал во 2012 година против Чиле, одиграл 39 натпревари, постигнал еден гол.