Пеп Гвардиола инсистира дека и покрај тоа што Манчестер сити има предност од 11 поени на врвот на табелата со само 10 натпревари до крајот на премиерлигашката сезона, Манчестер јунајтед може да ги стигне и да ги помине.
Јунајтед славеа со 2:0 на „Етихад“ во манчестерското дерби, но никој во клубот не се осмелува да каже дека ќе оди во борба до крај со Сити, но Гвардиола пред мечот со Саутемптон во среда, вели дека такви работи се случуваат во фудбалот.
„Секако дека можат да не стигнат! Кога постојат опции, во фудбалот сите работи се можни. Никој не мислеше дека можеме да победиме 21 меч во низа, 15 во Премиер лигата, така што се може да се случи. Тим како Јунајтед може да го направи тоа. Има уште 10 натпревари и треба да победиме во шест или седум за математички да станеме шампиони. Ќе се обидеме да стигнеме до првата веќе утре“, вели Гвардиола.
Шансите на Сити за титулата беа „отпишани“ по 1:1 ремито со ВБА на 15 декември, со што имаа 5 ремија и 2 порази во првите 12 кола, но оттогаш тие влегоа во луда серија од 15 победи во Премиер лигата, а Јунајтед прво падна на 15 поени заостанување зад градскиот ривал.
Пред дуелот со Саутемптон, Гвардиола беше запрашан дали против Саутемптон може да се очекува 9:0 победа каква што имаа Јунајтед над „светците“.
„Не, ние ќе дадеме 18 гола! Тоа ќе биде резултатот. Какво прашање. Примија 9 гола кога играа 80 минути со 10 играчи. Дали си мислите дека ова е шега? Ќе биде успех да победиме, тоа е што е потребно“, објаснува Гвардиола.