Поранешниот фудбалер на Јувентус и Торино, човекот познат како „животното“, Паксвале Бруно влезе во брутален напад на „бјанконерите“ и нивната засега катастрофална сезона 2020/21.
Критиките за Јувентус се зголемија откако тие беа елиминирани од Порто во осминафиналето на Лигата на шампионите, а покрај тоа заостануваат 10 поени зад Интер во трката за скудетото (иако со натпревар помалку). Бруно не ги жали.
„Имаат срамотен тим. Бонучи и Кјелини се двајцата феномени кои освоија девет титули во четвртата најсилна лига на светот. Ја победија катастрофалната Барселона и еден ден подоцна во сите весници пишуваше дека тие се тимот кој треба да се победи. Се виде подоцна. Менаџментот на тимот исто така само ја зголемува мешаницата. Го отпуштија Алегри да го донесат Сари, но и тој беше отпуштен по една сезона бидејќи Кристијано Роналдо и неговите луѓе владеат во соблекувалната. Секако, фудбалерите треба да имаат глас во своите клубови, но не се тие кои треба да носат одлуки како во Јувентус“, вели Бруно.