Селективниот пристап на Роџер Федерер и бирањето на кои турнири ќе ги игра апсолутно не е фер, вели шампионот од Ролан Гарос од 1970 година и директор на Мадрид опен, романскиот великан Јон Цириак.
Федерер се врати по долгата пауза поради повреда во 2017 со победи на Австралија опен и Вимблдон, меѓутоа реши да ја пропушти цела сезона на земја, вклучувајќи го и Ролан Гарос. Иако оваа година прво најавуваше дека ќе игра на Франција опен, тој се предомисли и реши да се фокусира на Вимблдон. Цириак вели дека ова не е добра одлука на 20-кратниот гренд слем шампион.
„Федерер сигурно е најдобриот тенисер на светот, но не се однесува коректно. Тој приод не е убав. Луис Хамилтон не вели, ќе одам само на пет ГП трки, бидејќи така се чувствувам. Во текот на целата кариера тој си ја вршеше својата работа, но сега е поинаков. Не може да се смета за него. Во тенисот нема само гренд слем турнири, туку и Мастерс 1000 турнири кои траат 12 недели. 80 отсто од парите доаѓаат од овие турнири“, вели Цириак.
Фото: ЕПА