Луиз Фелипе Сколари вели дека Артур ќе стане долгорочна замена за ветеранот Андрес Иниеста во Барселона кога ќе го комплетира трансферот од бразилскиот Гремио.
Сколари му го даде професионалното деби на Артур во 2015 година, а од оваа сезона тој е лидер на тимот на Гремио и неговите перформанси донесоа голем интерес кај европските великани. Барса го доби потписот на Артур, кој ќе дојде на „Ноу Камп“ во јануари 2019 година за 30 милиони евра.
Сколари вели дека 21-годишниот Бразилец ќе направи голема кариера во Ла лига.
„Јас бев тој што му го даде дебито на Артур за Гремио, така што добро го познавам. Тој е играч со слични карактеристики како Иниеста. Последните две години многу се подобри со Ренато Гаучо како тренер и среќен сум што ќе добие шанса во Барса“, вели Сколари во интервју за „Мундо Депортиво.
Сонародниците на Артур, Паулињо и Филип Кутињо се исто така во Барселона, откако Паулињо играше под Сколари во кинескиот Гуангжу Евергранде пред минатото лето да се врати во Шпанија.
„Паулињо има поинаков стил, но и тој одговара на Барселона. Кутињо е фудбалер со големи квалитети, така што Барселона ќе може да се пофали со своите Бразилци“, додава Сколари.