Локалниот весник „Ил кориере ди Торино“ тврди дека Јувентус мора да направи профит од 100 милиони евра до крајот на јуни за да ги исполнат финансиските услови, но засега ги одбиваат сите обиди на Манчестер јунајтед да се договорат за трансфер на Дејан Кулушевски.
„Старата дама“ имаше губиток од 113.7 милиони евра во првите шест месеци во 2020/21, и според весникот до крајот на јуни мораат да направат 100 милиони евра профит да бидат на „нула“, што значи дека некои фудбалери ќе мораат да одат на продажба.
Меѓутоа, пет фудбалери, меѓу кои и Кулушевски не се на продажба. Јувентус плати 44 милиони евра за 21-годишниот Швеѓанец со македонско потекло за трансфер од Аталанта и сметаат дека тој треба да биде идната оска околу која ќе треба да се гради тимот.
Многу понесигурна е иднината на Пауло Дибала, кој има договор само до јуни 2022, така што ако не го продадат во летниот преоден рок, тој ќе може следната година да замине бесплатно. Тие се подготвени за договор со трампа за Мауро Икарди од Пари Сен-Жермен или за Усман Дембеле од Барселона.