Дона Векиќ е позната како атрактивна хрватска тенисерка која полека се пробива на светската сцена, но уште повеќе е позната како девојка на поранешниот гренд слем шампион Стен Вавринка, кој е десетина години постар од неа.
Вавринка од 2009 до 2011 година беше во брак со Илхам Вуијо, поранешен модел и ТВ-презентерка, со која има и осумгодишна ќерка Алексија. Вавринка објави дека си заминува од своето семејство за да се „фокусира на тенисот“, по што неговата сопруга го обвини дека постојано ја лажел и дека таа не е одговорна за падот на формата.
21-годишната Векиќ во интервју за „Блик“ признава дека не поминува многу време со Вавринка поради нивните обврски. Трикратниот гренд слем шампион се опоравува од тешката повреда на коленото.
„Тој постојано тренира, но сигурна сум дека ќе се врати многу посилен од претходно. Не е лесно кога не поминувате многу време заедно, но тоа е животот на професионалните тенисери. Тој има работа и јас имам работа. Двајцата го сакаме тоа што го правиме и се поддржуваме дури кога не сме заедно“, вели Векиќ.
Минатата недела таа му прати порака преку Инстаграм за 33-тиот роденден, но вели дека не останало на тој подарок.
„Да, секако дека имаше и друг подарок. Повеќе подароци. Мислам дека му се допаднаа“, вели Векиќ.
Младата Хрватка во моментов е на 51. место на ВТА листата, но вели дека сонува дека ќе ја крене титулата од некој гренд слем турнир.
„Тревата одговара на мојата игра, и ако би можела да бирам гренд слем трофеј, тоа секако би бил Вимблдон“, вели Векиќ, која лани ја освои првата титула во кариерата, победувајќи ја Џоана Конта во финалето во Нотингем на тревната подлога.