Денеска официјално стартуваше новата сезона во „Твинго купот“ во организација „АКК РЕНО СПОРТ“ и тоа со интернационален предизвик за македонските возачи, на познатата патека „Хунгароринг“ во Унгарија.
Се возеа две трки, а истите се бодуваа за FIA CEZ и за првенствата на Словенија и на Македонија. Пријавени беа 21 возач од Словенија, Македонија, Унгарија и од Србија.
За македонските возачи ова беше деби на меѓународната сцена и добија шанса да се испробаат против своите колеги од соседството. Според планот сезонава треба да има уште неколку интернационални трки, во Словачка, Австрија, Грција и Хрватска, како и трки во Македонија. Во конкуренција на 19 натпреварувачи од Словенија, Србија и Унгарија, македонските возачи демонстрираа квалитет и покажаа дека и покрај малото меѓународно искуство можат да бидат рамо до рамо со конкурентите.
Иако за првпат се среќаваат со патеката Хунгароринг и после само неколку тестирања веќе во првата трка македонските возачи во „Твинго купот“ го покажаа својот квалитет. Во првата, имавме тројца наши возачи помеѓу најдобрите 10, најдобар извозен круг, а во втората трка дури петмина влегоа во Топ-10 и за малку ни избега искачување на
подиум.
На првата трка која се возеше во утринските часови Мартин Костовски го имаше најбрзиот круг и после извозени девет круга заврши на шестото место во генералниот пласман. Во Топ-10 на првата трка се најдоа уште и Ангелче Стојковски (9 место) и Милан Ѓорѓиевски (10 место). Тие ги освоија и првите три места во бодувањето за македонскиот шампионата на Twingo Cup.
Можевме да имаме повеќе натпреварувачи во најдобрите 10, но Слободан Трајковски имаше контакт во борба за подобра позиција, по кој доби оштетување на возилото и крај заврши како 15.
Победник на првата трка беше Ник Стефанчич од Словенија, а на подиумот се искачија и Михајло Младеновиќ од Србија и уште еден Словенец, Урбан Јеловчан. Втората трка беше уште подобра за нашите возачи, кои откако ја запознаа патеката можеа вистински да ги покажат своите квалитети. Давид Малинковски за малку не се искачи на подиумот и на крајот мораше да се задоволи со четвртото место. Беше само 0,4 секунди зад Ник Стефанчиќ, кој беше трет.
Нашите механичари менувајќи го предниот трап и левиот браник овозможија да биде возилото на Слободан Трајковски конкурентно на втората трка. Заврши како петтопласиран. Ангелче Стојковски беше трет меѓу македонските возачи, а трката ја заврши на седмото место.
Меѓу најдобрите 10 се најдоа и Мартин Костовски (9) и Милан Ѓорѓиевски (10). Победник на трката е Словенецот Матеј Ивануша, пред сонародниците Урбан Јеловчан и Ник Стефанчич.
Оваа втора сезона, покрај две кружни трки во Кичево и две ридско брдски на домашно тло, Twingo Cup -от ќе биде дел и од меѓународни натпревари каде нашите возачи ќе бидат бодувани согласно регулативите и признанија на FIA CEZ.
Следните меѓународни трки ќе бидат во: Серес – Грција (Јуни), Гробник – Хрватска (Јули), Словакиаринг – Словачка (Август), Red bull Ring – Австрија (Септември) и финална трка за заокружување на сезоната повторно во Серес – Грција (Ноември) во организација на АКК Рено Спорт Скопјe.