Иако викендот може да го завршат со 5 поени зад лидерите Атлетико Мадрид по 0:0 ремито со Реал Бетис, тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан инсистира дека неговиот тим уште е во трката за титулата и додава дека нема предавање.
„Лос бланкос“ доминираа во поседот на топката и имаа 17 удари на гол, но најблиску до гол беа кога Родриго ја погоди пречката. Доколку победеа, Реал ќе се израмнеа со Атлетико на врвот на табелата, пред тие денеска да играат со Атлетик Билбао.
„Не мислам дека ова значи дека титулата е загубена. Да, загубивме два поени, но не и титулата. Мораме да продолжиме, се обидувавме постојано, но не стигнавме до гол. Не верувам дека титулата е одлучена“, вели Зидан.
Кај „кралевите“ немаат време за разочарување, бидејќи веќе во вторник се среќаваат со Челси во полуфиналето од Лигата на шампионите.