Првиот човек на кошаркаскиот клуб Црвена звезда, Небоја Човиќ, по синоќешниот натпревар во Подгорица, одржал вонредна прес конференција, незадоволен од судењето. Според него постоело сценарио според кое Црвена звезда не смее да биде шампион во АБА лигата.
Будуќност, синиќа во крајно драматичен меч, ја победи Црвена звезда 78:77 и поведе во финалната серија со 2-1.
„Будуќност има добра екипа, но тимот на Црвена звезда е уште подобар. Ова е невидена кражба, а предупредувавме што ќе се случува во АБА лигата во последните месеци и дека нешто се подготвува“, рекол Човиќ.
Тој нагласил дека по обидот играчите физички да бидат нападнати во хотелот, во четвртокот, постоел предлог Црвена звезда да не го одигра третиот натпревар.
„Имавме разговор со Изток Ремс (прв човек на судииите во АБА лигата), бидејќи не сакавме да излеземе на теренот. Звезда вечерва беше подобра, а во третата четвртина се случи невидена кражба, судењето беше тенденциозно. Направено е здружение против Црвена звезда. Згрешивме што излеговме да го играме натпреварот“.
Според Човиќ постоела политичка конотација дека српски клуб не смее да ја освои АБА лигата.
„Ова е срам за регионалната лига и прашање е дали ќе опстане како таква. Иста изјава ќе дадев и да победеше Црвена звезда“.
Тој посочил и некои имиња кои директно влијаеле врз конечниот исход.
„Овде Јавор суди како што ќе му наредат. Не сака да ја прегледа снимката да виде дека направил грешка, бидејќи е тврдоглав. А баравме да не ни суди Јавор, имаме лошо искуство со него. Прашувам како е можно имињата за судиите за сите натпревари да бидат познати однапред? Судиите за мечевите се делегирани по разни прослави. Срамно е ова, споредети ги „Пионир“ и Морача“ ќе биде се јасно. Нашата најголема несреќа е што српските клубови не се единствени. Постои забрана српски клуб да биде шампион. На Црвена звезда не и е потребна ваква лига. Чесно се боревме во АБА и Евролигата, но повеќе измамници нема да не влечат за нос“, завршил Човиќ.
Четвртиот, можеби и последен меч од финалната серија, на програмата е вечерва од 21 часот.