Арсенал, сепак, се на продажба и покрај инсистирањето на американскиот газда Стен Кренке дека нема да прифаќа понуди за тимот, тврди британскиот „Дејли мејл“, цитирајќи британски инвеститори кои тврдат дека веќе две години „топчиите“ се на пазар.
Шведскиот милијардер и газда на „Спотифај“, Даниел Ек минатата недела објави дека има сериозен план за преземање на лондонскиот клуб, а според „Дејли мејл“ пред две години компанијата на Кренке, КСЕ добила понуда од интернационален конзорциум, а претходно преговарале со рускиот милијардер Алишер Усманов и со нигерискиот милијардер Алико Данготе. Тогаш добиле информација дека клубот е проценет на 1.7 милијарди фунти.
Навивачките групи на Арсенал веќе организираа два протести против газдите по фијаското со Европската Суперлига. На теренот, Арсенал е на средина на табелата и е пред најлошата сезона во последните 26 години, што може да се спаси само со трофеј од Лига Европа, каде што имаат 1:2 дефицит од Вилјареал пред реваншот во Лондон.