Легендарниот поранешен менаџер на Манчестер јунајтед, Сер Алекс Фергусон вели дека е импресиониран од менаџерските способности на легендата на Ливерпул, Стивен Џерард, кој сега работи како тренер во шкотскиот Ренџерс.
79-годишниот Фергусон, кој цел живот е навивач на Ренџерс и беше фудбалер на клубот од Глазгов, во интервју за „Гардијан“ имаше само пофални зборови за Џерард, кој ја донесе првата титула по десет години на Ренџерс во доминантна сезона. Меѓутоа, тој најмногу е импресиониран од неговото однесување на прес-конференциите.
„Ох, да, тој врши фантастична работа. Има квалитет на теренот и надвор од него. Знаете, во овој спорт, една прес-конференција може да ти ја загуби работата. Но, неговите прес-конференции се фантастични. Тој е смирен, кул, ги дава вистинските одговори. Тоа е уметност“, вели Фергусон.
Токму Сер Алекс беше мајстор за ракување со незгодните англиски медиуми, како вистински мајстор на „менталните игри“ со новинарите и со своите ривали.