Клаудио Раниери и покрај долгата тренерска кариера, ќе остане запаметен со историската титула од Премиер лигата со тимот на Лестер сити. Дали италијанскиот стратег може да го повтори тоа со Нант во Франција?
Ако ја погледнете табелата во Лига 1, сликата е јасна, барем за првите две места – таму се тимот полн со пари и ѕвезди, Пари Сен-Жермен, а веднаш зад нив актуелните шампиони Монако. Но, на третото место се појавува Нант, нешто што никој не очекуваше и покрај репутацијата на Раниери.
Кога Раниери пристигна на „Стад де ла Божор“ во средината на јуни, во тимот имаше вистински хаос. Во 2015/16, Нант прво едвај се спаси од испаѓање, за под водство на Сержо Консеисао да дојде до местата кои носат во Европа. Португалецот потпиша нов договор, но веднаш по стартот на летниот преоден рок, не можеше да ја одбие понудата на Порто и си замина дома.
Раниери се согласи да го замени, меѓутоа, веднаш наиде на проблеми – францускиот синдикат на тренери (УНЕЦАТЕФ) не сакаше да го ратификува неговиот договор бидејќи оваа сезона тој ќе наполни 65 години. Ова беше отфрлено од Лига 1, бидејќи одлуката ќе паднеше на Европскиот суд поради дискриминација.
Кога конечно се „смести“, на Раниери му беше дадена задача од претседателот Валдемар Кита – да стигне до пласман во Европа. Италијанецот ги загуби првите два натпревари, по што направи неколку брзи купувања – голманот Сипријан Татасурану и одбранбените играчи Андреј Жирото и Рене Хрин. Со ова дефанзивниот систем беш поставен и слично како со Лестер, Нант повеќето натпревари ги добива со 1:0. Во 10 меча тие имаат примено само седум гола.
„Раниери ни донесе големо искуство, скромност и италијански стил кој се гледа во мечевите. Сака да имаме дефанзивен блок кој е компактен. За него ние имаме замок кој треба да го браниме. Постојано зборува за замокот“, вели најдобриот стрелец на тимот, Емилијано Сала.
Бекот, Лео Дубоа се согласува.
„Не играме прекрасен фудбал, но играме добро! Раниери инсистира дека мораме да ја средиме одбраната пред да мислиме на голови“, вели Дубоа.
Да се очекува Нант да направи исто чудо како Лестер, нормално, е претерано, но италијанскиот „мајстор“ засега ја покажува својата магија.