Првата светска тенисерка во моментов, Австралијката Ешли Барти се пласираше во четвртфиналето на Мастерс турнирот што се игра во Рим. Таа денеска со 2-0 (6-3 и 6-3) славеше против Русинката Вероника Кудерметова.
Барти до победата против 28-та на ВТА листата стигна за 80 минути игра.
Таа за пласман во полуфиналето ќе се судри со Американката Коко Гоф која денеска ја елиминираше четвртата светска тенисерка, Арина Сабаленка од Белорусија со 7-5 и 6-3.
Со елиминацијата на Сабалнка, турнирот во Рим во раната фаза заврши за петта тенисерка од Топ 10 откако претходно елиминација доживеаја Наоми Осака, Софија Кенин, Серена Вилијамс и Петра Квитова.
Место во четвртфиналето денеска обезбеди и хрватската тенисерка Петра Мартиќ која во три сета (3:6, 6:1, 6:2) ја совлада Аргентинката Надиа Подороска.
Следна противничка на Мартиќ ќе и е Американката Џесика Пегула која беше подобра од Русинката Екатерина Александрова со 6-2 и 6-4.
Пласман во четвртфиналето во Рим има и за Каролина Плишкова која ја победи Вера Звонарева, но и за Ига Свјонтек која беше поуспешна во дуелот со Барбора Крејчикова.