Светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ упати не толку дипломатска порака до младите тенисери, велејќи дека тој и неговиот лут ривал Рафаел Надал, заедно со Роџер Федерер се „следната генерација“ на тенисот откако го загуби 57. дуел со Надал во финалето на Мастерсот во Рим.
Надал по 10. пат го крена трофејот по 7:5/1:6/6:3 победата над Ѓоковиќ, инаку актуелен шампион на турнирот, најавувајќи дека се фаворити за борба за титулата на Ролан Гарос. 33-годишниот Ѓоковиќ и 34-годишниот Надал ги победија последните двајца победници на „Некст џен“ (следна генерација) трофеите, Јаник Синер и Стефанос Циципас, така што коментарот на Ѓоковиќ можеби е на место.
„Некст џен младите луѓе? Јас, Рафа и Роџер сме Некст Џен. Секако, следната генерација е тука. Но, ние уште ги освојуваме најголемите турнири и гренд слем турнирите. Не знам што друго да кажам. Не се фокусирам за нив, иако знам дека е убаво да се има приказна за медиумите. Тие влегуваат во топ 5, топ 10, тоа не е ништо ново, но ние уште сме тука“, вели Ѓоковиќ.