Рафаел Надал лесно влезе во четврт-финалето на Мастерсот во Монте Карло откако со 6:3/6:2 го совлада младиот Русин, Карен Хачанов.
Шпанскиот ас брка 11. титула на земјените терени во Монако, и во ниту еден момент не му дозволи на 21-годишниот Хачанов да ја преземе иницијативата. Шпанецот направи брејк за да поведе со 3:0 во првиот сет, и иако загуби брејк на 4:2, со уште еден брејк го освои првиот сет. Во вториот сет се повтори ситуацијата и со ран брејк, Шпанецот стигна до блескава победа.
Следен за Надал е Доминик Тим, последниот тенисер кој го победил на земјена подлога, откако Австриецот во три сета го совлада Новак Ѓоковиќ. Надал влегува како апсолутен фаворит во дуелот со Тим, но сепак, тоа треба да биде најсериозниот тест за „кралот на земја“ во Монако.
Во четврт-финалето е и Хрватот Марин Чилиќ, и тоа без да излезе на теренот откако Канаѓанецот Милош Раонич се повлече поради повреда на коленото. Чилиќ за место во полуфиналето ќе се бори со Јапонецот Кеи Нишикори или Италијанецот Андреа Сепи.
Фото: ЕПА