Top Sport

Го победи ракот – ќе игра на Ролан Гарос

Шпанската тенисерка Карла Суарез Наваро соопшти дека ќе игра на претстојниот грен слем тениски турнир Ролан Гарос, еден месец откако соопшти дека го победила ракот.

Некогаш шестата светска тенисерка минатиот септември соопшти дека оди на хемотерапија затоа што боледува од Хочкиноф лимфом. Во јануари годинава ја заврши терапијата, а во април соопшти дека се излекува.

„Многу се радувам што можам да играм на Ролан Гарос. Последните месеци правев се за да можам себе си да си овозможам за последен пат да настапан на РГ“ изјави Суарез Наваро за ББЦ.

„Се радувам што ќе излезам на терен и повторно ќе го почувствувам овој турнир кој е посебен за мене“ додаде 32-годишната тенисерка која својот најголем резултат на турнирот во Париз е пласманот во четвртфинале.

Пред дијагнозата шпанската тенисерка имаше намера во 2020 да ја заврши кариерата, но сега сака да продолжи да игра, со надеж дека може да настапи и на ОИ во Токио ова лето.

„Тенисот ми даде многу работи и отсекогаш сакав од него да се простам на теренот. РГ ми ги даде некои од најдобрите моменти во кариерата, мојот прв најдобар резултат беше на овие терени, имам убави спомени“ рече актуелната 118-та светска тенисерка.

Вториот годинешен грен слем започнува на 30 мај, а ќе трае до 13 јуни.

Scroll to Top