Top Sport

Билијард елитата од регионот на турнир во Скопје

Откако во декември во Скопје се одржа силниот меѓународен снукер турнир „Скопје Опен“, последниот викенд во април носи нова возбуда за љубителите на билијардот, бидејќи ќе се игра еден од најбројните турнири што е некогаш одржан во Македонија.

Станува збор за последниот турнир во календарот од ткн. „Јадранска лига“, наречена уште и „Лига куп 2017/18“. На просторите на поранешна Југославија ќе се одржат шест вакви турнири во Чачак, Сараево, Подгорица, Загреб, Љубљана и Скопје. На секој од нив има по 96 играчи кои согласно пласманот собираат поени.

На крајот, најдобрите 32 ќе настапат на Мастерс турнирот, своевидно финале што оваа година ќе се игра во Црна Гора.

Домаќин на натпреварот, на 28. и 29.април е „Гран клуб“ од Скопје.

На турнирот ќе настапат неколку познати имиња од регионот: Зоран Свилар од Србија (вице-европски шампион), Сањин Пехливановиќ од Босна (светски јуниорски шампион), како и Андреја Класовиќ, Мартин Мартиновиќ, Милош Веркиќ и други, заедно со најдобрите 30 македонски играчи предводени од Дејан Сипковски и Трајче Дончевски.

Сите мечеви ќе бидат возможни за следење од страна на публиката, како во „Гран клуб“, така и преку интернет, на сајтот www.billiardon.com . Мечевите ќе бидат организирани според највисоките стандарди на EPBF.

Scroll to Top