Преку активности за промоција на мирот и еднаквоста беше одбележан Денот на фудбалот и пријателството од страна на претставниците на Македонија, учесници во програмата „Фудбал за пријателство“. Професорката Наташа Мешкова вели дека со овој проект, поддржан од компанијата „Гаспром“, се учат вистинските вредности, додавајќи дека оваа година делегацијата од Македонија, која ќе ја предводи таа, а ќе учествуваат и младиот спортист Максим Цониќ и младата новинарка Ева Јакимовска, ќе замине во Москва за да присуствува на отворањето на Светското првенство.
Гости на теренот на ФК „Вардар“ беа соучениците на Максим и Ева, кои за одбележување на овој ден добија подарок алки за пријателство.
„Овој ден се одбележува уште од 2013 година во голем број земји во светот. Децата од целиот свет го одбележуваат овој ден разговарајќи за тоа како да го поттикнуваат пријателството преку спортот и спортските активности. Воедно, овој ден служи како потсетник за сите нас да се водиме според основните човекови вредности, како на теренот така и надвор од него“, вели младата новинарка Јакимовска.
На спортскиот терен присутен беше и легендарниот фудбалер Илија Најдоски, кој одговори на прашањата поставени од присутните за тоа кои човекови вредности од секојдневието важат најмногу на фудбалскиот терен, објаснувајќи колку пријателства се создаваат преку спортот.
„Главен симбол на интернационалниот Ден на фудбалот и пријателството, како и на проектот ‘Фудбал за пријателство’ е алката за пријателство“, рече Цониќ.