Мауро Ѕампарини, претседателот на Палермо, клубот на македонските репрезентативци Александар Трајковски и Илија Несторовски признава дека ја загубил довербата во тренерот Бруно Тедино и дека тој наскоро може да биде отпуштен.
Палермо во моментов е на второто место во Серија Б, а на Емполи им треба само поен за да влезе во Серија А, откако Палермо загубија со 3:0 од Венеција во петокот.
„Со тимот кој го видовме вчера, не одиме никаде. Вчера не можев да спијам и размислував за одлуките кои треба да се направат. Во ваква ситуација не можеме да ги одиграме како што треба последните натпревари, ниту плеј-офот за влез во лигата. Тимот секогаш е отсликан во тренерот и затоа треба да размислам. Во овој момент, тимот нема сили да се бори и нема доверба во лидерот. Барам трпение од фановите, бидејќи ниту јас не го очекував сега најлошиот меч оваа сезона. Нема да биде лесно, но ќе влеземе во Серија А“, вели Ѕампарини.