Сезоната 2017/18 нема да биде успешна за Манчестер јунајтед дури и тие да го освојат ФА купот овој месец, вели нивниот голман Давид де Хеа, кој побара сите во клубот да бараат „поголеми и подобри нешта“.
Шпанскиот интернационалец имаше 21 натпревари без примен гол оваа сезона, за да ја добие интерната награда за играч на годината во Јунајтед по рекорден четврти пат. Јунајтед оваа година ќе се бори за ФА купот, но 27-годишниот Шпанец вели дека ова не ги оправдува слабите настапи во Лигата на шампионите и неуспехот да се спречи Манчестер сити да ја освои титулата во Премиер лигата.
„Не направивме доволно оваа сезона. Да, се бориме за второто место, но не ја остваривме првата цел – да се победи во Премиер лигата и да се има добар настап во Лигата на шампионите. ФА купот е важен трофеј и ќе одиме на победа, но тоа не би требало да е доволно. Ние сме Манчестер јунајтед и мора да одиме на поголеми работи. Следната сезона мораме да бидеме многу подобри во повеќе области“, вели Де Хеа.