Со изненадувачки потег, Ријад Марез го повлече барањето за трансфер од Лестер сити, откако јануари го помина во „штрајк“ поради пропаднатиот трансфер во Манчестер сити.
Лестер во јануари бараа 95 милиони фунти за Алжирецот и Сити решија да се повлечат, по што Марез пропушти неколку мечеви бидејќи не беше во „ментална состојба“ да игра. Сега, пред крајот на сезоната, тој решава да остане!
„Тоа е во минатото. Беше во јануари, сега уште сум тука и не сакам многу да размислувам за тоа. Имам договор со Лестер и тука сум. Во јануари побарав трансфер бидејќи имаше понуда од Манчестер сити. Со мене, никогаш не знаеш што се случува. Секогаш велат дека си одам, но уште сум тука. Сакам да поминат овие три натпревари и ќе видиме потоа каде ќе не однесат разговорите“, изјави Марез за „Скај спортс“.
Скептиците велат дека со оваа понуда, Марез ќе може да го добие бонусот за лојалност која му е во договорот, но само ако ја „отслужи“ и следната сезона со „лисиците“.
Фото: ЕПА