И покрај тоа што заминува од Пари Сен-Жермен на крајот на сезоната, тренерот Унаи Емери вели дека уживал во времето на „Паркот на принцовите“, а тоа ја вклучува и оваа сезона кога во клубот дојде мега-ѕвездата Нејмар.
ПСЖ платија рекордни 222 милиони евра да го донесат Нејмар во клубот, и од тој момент почнаа шпекулациите дека тој е незадоволен во Париз и дека сака потпис со Реал Мадрид. Емери отворено зборуваше за предизвиците на Бразилецот.
„Тоа што Нејмар по тренингот мора да има уште три-четири јавни појавувања не е најдоброто ниту за него, ниту за клубот, но мораме да сфатиме дека тој е огромна ѕвезда со влијание на сите страни. Мислам дека уште треба да се навикне на Париз и на своите соиграчи, а не да работи само со Бразилците“, вели Емери во интервју за „СФР спорт“.
Нејмар последните два месеци ги помина во Бразил, каде што се опоравуваше од скршеното стапало, но се очекува да заигра до крајот на сезоната.
„По мечевите, тој си оди дома и се затвара во својот свет. Не е тука постојано, уште не е 100 отсто навикнат на Париз, на Француската лига, на предизвиците, на поинаквиот фудбал. Во ПСЖ прават сѐ да го интегрираат, но се работи за процес. Мора да биде трпелив. 50 отсто работа е завршена, има уште 50 отсто“, додава Емери.