Перо Антиќ по големата победа на Црвена звезда над Макаби 87:84, во четвртото евролигашко коло, рекол дека екипата покажала карактер и дека нема намера да го кометира судењето.
„Не сакам да го коментирам судењето. Не знам дали добиваат некакви казни…Ние продолжуваме да се бориме, да ја форсираме нашата игра, а јас како најискусен во тимот морам да преминам преку некои работи“, рекол Антиќ по натпреварот.
На Антиќ му беше досудена неспортска лична грешка поради фаулот врз Џона Болден. Антиќ под кошот помалку и грубо го фаулираше Американецот.
„Или ќе забиеше или ќе направев фаул. На свој терен не смеете да му дозволите на противникот да забие“, истакнал Антиќ.
Во последните неколку натпревари на Антиќ му беа судени неколку намерни лични грешки, а на ова прашање тој понуди интересен одговор.
„Би требало да посетам психијатар (се смее). Во жарот на борбата се прават такви грешки, ќе морам да го поправам тоа“.
Најискусниот во тимот на Црвена звезда на крајот рекол дека победата над Макаби дополнително ќе ја крене тимската самодоверба, уште еднаш потенцирајќи дека главна цел сезонава е титулата во АБА лигата.